Пуштена во употреба пречистителна станица за атмосферски води во Цементарница Усје

Pеализацијата на овој проект, го потврдува тоа, бидејќи со одделување на атмосферската и канализационата вода и со изградба на станицата за прочистување на атмосферските води се оди понапред во заштитата на животната средина

Министерот за животна средина и просторно планирање, Абдилаќим Адеми, вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски, градоначаникот на Град Скопје, Коце Трајановски и директорот на Цементарница Усје, Борис Хрисафов, денеска свечено ја пуштија во употреба пречистителната станица за атмосферски води во Цементарница Усје АД Скопје.

Министерството за животна средина и просторно планирање, Цементарница Усје, ја препознава како субјект кој посветено работи и се развива при тоа почитувајќи ги високо поставените стандарди за животна средина. Токму реализацијата на овој проект, го потврдува тоа, бидејќи со одделување на атмосферската и канализационата вода и со изградба на станицата за прочистување на атмосферските води се оди понапред во заштитата на животната средина, особено во заштитата на водата како природен ресурс и  се исполнуваат повисоки стандарди од законски предвидените - истакна министерот Адеми во поздравното обраќање.

Следејќи ја политиката за заштита на животната средина, Цементарница УСЈЕ има воспоставено систем за рационално користење на водите. Како надградба на постојниот систем, Цементарница УЈСЕ во март 2013 година пушти во пробна работа Пречистителна станица за атмосферските води и водите од миење на улиците во фабриката.

Пречистителна станица е инвестиција вредна половина милион евра и е дел од активностите за имплементирање на Оперативниот план за усогласување на А интегрираната еколошка дозвола. Со реализација на овој проект, Цементарница УСЈЕ исполнува повисоки стандарди од законски предвидените. Со реализацијата на оваа инвестиција, Цементарница Усје АД Скопје целосно ги исполнува обврските од Оперативниот план за усогласување на А интегрираната еколошка дозвола  пред рокот кој истекува во април 2014 година. Досегашни инвестиции на компанијата во овој процес се во вредност од 36 милиони евра од вкупните компаниски инвестиции во вредност од  68 милиони евра.

И покрај тоа што Цементарница УСЈЕ во својот технолошки процес не користи вода прави континуирани заложби за зачувување на водите како природен ресурс. Пречистителната станица, претставува завршна фаза од проектот кој опфаќа систем за рационално искористување на водите и овозможува целосно раздвојување на канализационите од атмосферските води. Техничката вода која се користи за ладење на опремата се филтрира и рециклира во затворен систем, а водата од градскиот водовод се користи само за санитарни потреби и потоа се спроведува во градската канализација. Атмосферските води од фабриката и водата која се користи за миење на улиците се собираат и дренираат преку посебно изграден систем на канали кои се спроведени до пречистителната станица. Со Пречистителната станица се гарантира дека сите излезни води од Цементарница УСЈЕ ги исполнуваат во целост сите еколошки параметри согласно законската регулатива.

Според вице-премиерот Пешевски, токму ваквите успешни приказни се и најголема промоција за нашата земја пред странските инвеститори, бидејќи тоа е највредниот аргумент што сака да го чуе секој потенцијален инвеститор. Тоа е, искуство од веќе постоечки бизнис на овој пазар, а она што е најважно и базично за секоја економија е следење на најновите трендови во технологијата и модернизацијата во светот и нејзина примена во домашната економија.


13.Dec.2013