Усвоен е предлогот на декларацијата за интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО

Собраниската Комисија за европски прашања на Собранието на Република Македонија денеска го  усвои предлогот на декларацијата за забрзување на реформските и интегративните процеси за зачленување  на Република Македонија во Европската Унија и НАТО.

Претседателот на комисијата Артан Груби рече дека оваа декларација е донесена врз основа на едногласно усвоениот заклучок на првата седница на комисијата.

„Хармонизираната декларација за забрзување на реформските и интегративните процеси за зачленување  на Република Македонија во Европската Унија и НАТО претставува прв основен чекор кон реформите и има за цел да ја потврди консензуалната натпартиска сплотеност и посветеност, околу заедничките напори за реализација на нашата државна стратешка определба, членството во Европската Унија и НАТО, а за која постои согласност од страна на сите  политички чинители, застапени во  Собранието на Република Македонија.

Воедно оваа декларација е наша обврска, преземена во рамките на итните реформски приоритети од 2015 година, вклучително и препораките на групата високи експерти за системските прашања од владеењето на правото, на Прибе,  како и обврските од договорот од Пржино“, рече Груби.

Тој ја потенцира  конструктивноста и соработката на членовите на комисијата и од позицијата и од опозицијата, при изготвувањето на Декларацијата.

На седницата присуствуваа и претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери, претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за европски прашања Бујар Османи.

Сите парламентарни партии во комисијата ја усвоија декларацијата за забрзување на реформските и интегративните процеси за зачленување на Република Македонија во Европската Унија и НАТО.

Предлог декларацијата во целост:

Д Е К Л А Р А Ц И Ј А

ЗА  ЗАБРЗУВАЊЕ НА РЕФОРМСКИТЕ И ИНТЕГРАТИВНИТЕ ПРОЦЕСИ ЗА ЗАЧЛЕНУВАЊЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА  ВО ЕВРОПСКАТА УНИЈА И НАТО

Поаѓајќи од стратешката определба на Република Македонија за членство во Европската унија и НАТО, потврдена од моментот на нејзиното осамостојување во 1991 година,

Имајќи ги предвид:

• Заклучоците на Претседателството од состанокот на Европскиот совет во Солун на 19 и 20 јуни 2003 година во врска со перспективите на земјите од Западен Балкан за приклучување во Унијата,
• Договорот за стабилизација и асоцијација меѓу Европските заедници и нивните земји-членки, од една страна, и Република Македонија, од друга,
• Одлуката на Европскиот совет од 16 декември 2005 година да и се додели на земјата статус на кандидат за членство во ЕУ.
• Извештајот на Европската комисија за Република Македонија за 2009 година, кога Европската комисија препорача почеток на пристапните преговори со Република Македонија, како и последователните препораки во Извештаите од 2010, 2011, 2012, 2013 и 2014, 2015 и 2016 година,
• Итните реформски приоритети на Комисијата за Република Македонија од јуни 2015 година, препораките на групата на високи експерти за системски прашања во врска со владеењето на правото,
• Декларацијата за развој на односите на Република Македонија со Европската унија донесена од Собранието на Република Македонија на 4 февруари 1998 година, Декларацијата за подигнување на нивото на односите на Република Македонија со Европската унија донесена од Собранието на Република Македонија на 23 ноември 2000 година, Декларација за улогата на Собранието на Република Македонија во Парламентарната димензија на процесот за стабилизација и асоцијација од 11 јуни 2003 година, Декларацијата за поднесување на барање за членство на Република Македонија во Европската унија донесена на 13 февруари 2004 година, Резолуцијата за приоритетите за пристапувањето на Република Македонија во Европската унија и отворањето преговори за членство во Европската унија од 27 ноември 2007 година и Резолуцијата за приоритетите во 2009 за пристапувањето на Република Македонија во Европската унија донесена на 15 декември 2008 година,
• Одлуката за стапување на Република Македонија во членство во Северно-Атлантската договорна организација-НАТО донесена од Собранието на Република Македонија на 23 декември 1993 година, Декларацијата за подигнување на нивото на односите и соработката меѓу Република Македонија и НАТО донесена од Собранието на Република Македонија на 21 мај 2004 година, Декларацијата за барање на поддршка за прием на Република Македонија во НАТО донесена на 19 јуни 2007 година и Декларацијата за реафирмирање на определбата за реазлизација на стратешката цел за членство на Република Македонија во НАТО донесена на 25 април 2012 година.

Собранието на Република Македонија:

1. Ја потврдува својата натпартиска сплотеност околу заедничките напори за обезбедување на позитивна клима со цел реализација на државната стратешка определба, членството во Европската Унија, како заедничка цел на  сите политички чинители кои се дел од Собранието на Република Македонија.
2. Ја поттикнува Владата на Република Македонија за доследно, неодложно и итно спроведување на сите активности, предвидени во препораките кои произлегуваат од Извештајот на Европската комисија за Република Македонија за 2016 година, како и приоритетите кои произлегуваат од Итните реформски приоритети од 2015 година.
3. Ја поттикнува Владата на Република Македонија за понатамошно усогласување на законодавство на Република Македонија со законодавството на Унијата, согласно Националната програма за усвојување на правото на Европската унија.
4. Се залага за независна судска власт, транспарентност и ефикасност на судството.
5. Ја потврдува посветеноста кон безкомпромисната борба против корупцијата.
6 Се залага за професионална администрација, заснована на принципот на квалитет, стручност и компетентност.
7. Го потенцира значењето на јакнењето на независните регулаторни тела и изразува подготвеност за јакнење на сопствената улога во оваа насока.
8. Се залага за спроведување на реформите во системот за разузнавање и системот за следење на комуникациите, насочени кон ефикасно функционирање и обезбедување на владеењето на правото.
9. Го потенцира значењето на социјалната кохезија и добрите меѓуетнички односи. Се залага за следење на целосната имплементација на Охридскиот рамковен договор во согласност со Уставот на Република Македонија.
10. Ја потврдува определбата за унапредување на односите со соседните земји, преку рамноправен и конструктивен дијалог, како суштински придонес за стабилноста во регионот и за унапредување на евро-атлантските процеси при што упатува на потребата на вклученост на Собранието на Република Македонија во тој дијалог.
11. Ги повикува земјите членки и институциите на Европската Унија да дадат засилена поддршка на интегративните процеси и реформите за пристапување кон ЕУ и НАТО.
12. Ја повикува Владата редовно и сеопфатно да го известува и вклучи Собранието во сите аспекти на пристапниот процес во ЕУ и НАТО.
13. Оваа Декларација да се достави до претседателот на Европскиот парламент, претседавачот со Советот на министри на Европската унија и Претседателот на Европскиот совет, до Генералниот секретар на НАТО, до  Претседателот на Парламентарното Собрание на НАТО, до претседателот и членовите на Европската комисија, како и до претседателите на парламентите на земјите членки  на ЕУ и НАТО и
14. Оваа Декларација ќе се објави во "Службен весник на Република Македонија".


14.Jul.2017