Комисијата за европски прашања го разгчеда Планот 3-6-9

Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија на денешната седница (14 јули 2017г.)  со која претседаваше  претседателот на Комисијата г. Артан Груби, расправаше за  Планот "3-6-9", на Владата на Република  Македонија.  

На покана  на претседателот  на Комисијата Г. Груби, на седницата присуствуваа  и воведно обраќање имаа: претседателот на Собранието на Република Македонија, Г. Талат Џафери, претседателот на Владата на Република Македонија Г. Зоран Заев, заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за европски прашања, Г. Бујар Османи. Воведно обраќање по темата имаше и претседателот на Комисијата за европски  прашања, Г. Артан Груби.
Претседателот на  Собранието, Г. Талат Џафери поддржувајќи го Владиниот план "3-6-9", ја истакна улогата на  Собранието во  евроинтегративните процеси на земјата, при што,   ја нагласи  важноста  на надзорната улога на Парламентот. Исто така,  истакна дека   Парламентот  е  местото  каде што  треба да се усогласуваат ставовите на  партиите од опозицијата и позицијата,   со  цел да се пристапи кон реализација на потребните ЕУ реформи,  со консензус.  

Премиерот Заев, вo  своето обраќање,  истакна дека Владата ќе работи на реализирање на  програмираните задачи во трите временски рамки, почнувајќи со испорачување на резултати во првите три месеци, до одржувањето на локалните избори за да се отстрани условеноста на препораката, потоа следува реализација на задачите предвидени за  шестте месеци, во кој рок треба да се заокружи вториот реформски круг,   и  на крај  во  рокот од  девет месеци, во кој владата има намера да се имплементираат третиот круг реформи за до наредниот извештај на ЕК, Македонија да добие датум за почеток на преговорите.  Премиерот Заев информира и за  поддршката што земјата ја доби на  неодамна оддржаниот  Самит за Западен Балкан  во Трст, каде што  Република Македонија добила  целосна поддршка за   евроинтегративните процеси на земјата и  за планираните задачи на оваа реформска влада.

Заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за европски прашања, Г. Бујар Османи,  информира дека  Секретаријатот за европски прашања е   координатор на Планот 3,6,9, во чии рамки е и  имплементацијата на Охридскиот рамковен договор, и како таков веќе пристапил кон  организирање  и реализација на програмираните задачи.

Претседателот на Комисијата за европски  прашања, Г. Артан Груби,  ја истакна  потребата  за доследно и неодложно   спроведување на предвидените активности во владиниот план"3-6-9",, како услов  за добивање на неусловена препорака,  следствено  на тоа и  отпочнување на  преговори  за ЕУ  и НАТО членство, при што истакна дека е  неопходно заедничко делување на сите политички партии во Парламентот, со оглед на  заедничката стратешка определба и цел  на сите политички   субјекти и граѓани на Република  Македонија.

Исто така,  за темата свои излагања имаа  Г. Томислав Тунтев од СДСМ , Г. Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ,  Г.Зекирија Ибрахими од БЕСА, како и Г-ѓа Нада Наумовска, како претставник на невладиниот сектор. По темата за дискусија, беа искажани ставови и мислења  во однос на предложениот план  на  Владата, со цел за негово подобрување  и дополнување, при што, заедничка беше констатацијата дека таков документ е неопходен и потребен   да биде како Патоказ и водилка за реализирање на  програмираните задачи,  кои произлегоа од Итните реформски приоритети и Договорот од Пржино. Заедничка беше  констатацијата дека   евроинтегративниот процес на земјата мора да биде инклузивен, надпартиски,  со општ консензус  и  со целосна поддршка  на граѓанскиот сектор и општо на сите  жители во земјата.
На седницата беа поканети и претседателите и членовите на парламентарните комисии, во чија надлежност  и компетенција се  реформите од итните реформски приоритети,  претставниците  на     Дипломатскиот Кор во Република  Македонија, како и претставниците на граѓанското  општество.

Врз основа на расправата  по  Планот "3-6-9", Комисијата ги донесе следните заклучоци:

З А К Л У Ч О Ц И

1. Комисијата за европски прашања  смета дека Планот "3-6-9" е основен Патоказ  за зајакнување на  оддржливоста на потребните европски реформи  во процесот на пристапување на Република Македонија во Европската унија. 
2. Комисијата ја истакнува потребата за доследно, неодложно и итно спроведување на сите активности, предвидени во Планот "3-6-9", како  услов за добивање на неусловена препорака и следствено датум за отпочнување на преговори за членство во Европската унија, што е  заедничка  стратешка определба и цел на сите политички субјекти и граѓани на Република Македонија.
3. Комисијата и укажува на Владата на Република Македонија на потребата од инклузивен и транспарентен пристап во однос на спроведувањето на сите активности и предизвици предвидени во Планот "3-6-9", преку вклучување на опозицијата и консултирање на претставниците на граѓанското општество  во земјата.
4. Комисијата  jа повикува Владата на Република Македонија редовно и сеопфатно да го известува и вклучи Собранието во сите аспекти на  Планот "3-6-9".
5. Комисијата ќе врши надзор над работата на Владата на Република Македонија во однос на спроведувањето на Планот "3-6-9" и ќе организира тематски седници за секоја предложена мерка во Планот.
6. Заклучоците од Втората седница на  Комисијата за европски прашања, по повод расправата по Планот "3-6-9",  да  се достават до Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија, Секретаријатот за европски прашања и Делегацијата на Европската унија во Република Македонија, за нивно запознавање. 


14.Jul.2017