“МК бизнис лидер” за 2012 година

Денеска во хотелот Александар Палас министерот за економија  Ваљон Сараќини имаше свое обраќање во рамки на манифестацијата Европската недела за мали и средни претпријатија и Европскиот ден на претприемачот за 2012 година, а воедно и ја додели наградата МК бизнис лидер за 2012 година.На настанот свое обраќање имаше и премиерот на Република Македонија Никола Груевскии Евроамбасадорот Аиво Орав. Главен организатор на настанот е Европската бизнис асоцијација (ЕБА), а министерството за економија како ко-организатор даде свој придонес за негова успешна организација.

Основна цел на Европската недела за Малите и Средни Претпријатија е промовирање на претприемништвото и информирање на претприемачите за поддршката која им се нуди преку разните форми за нивен развој,  која е достапна во програмите на Европската Унија, националните и локалните програми.

Во своето обраќање министерот Сараќини истакна Општоприфатено е мислењето дека претприемништвото е движечка сила на секоја национална економија и општество кое обезбедува корист како на општествено така и на ниво на индивидуа преку лична сатисфакција и достигнување, истовремено промовирајќи одржлив раст и развој. Претприемачите не само што самите се вработуваат туку истовремено креираат вработувања и благосостојба и на тој начин играат важна улога во економскиот и општествениот живот

Потикнувањето на претприемништвото како начин на размислување и процес на создавање и развивање на економски активности преку комбинирање на ризик, креативност и иновативност е од исклучителна важност за развојот на МСП и креирање на нови работни места.

Микро, малите и средните претпријатија (ММСП) се главен двигател на секоја економија, а на тоа укажуваат и податоците за нив. Во 2011 година нивниот број  изнесува 59,163 односно 99,64% од вкупниот број на постојни активни претпријатија, а со тоа се потврдуваат за важни учесници во економијата како целина и важни креатори на општествениот производ. Исто така, тие го апсорбираат најголемиот дел од работната сила, придонесувајќи за намалување на невработеноста. Во 2011 година од вкупниот број на вработени 79,53 %  (280.930) се ангажирани во микро мали и средни претпријатија.

Согласно Програмата за развој на претприемништвото, конкурентноста и иновативноста на МСП во 2012 година, министертвото за економија започна  со директна финансиска поддршка на жени претприемачи. Исто така преку Агенцијата за промоција на претприемништвото, Министерството за економија прави исклучителни напори за промовирање на претприемништвото и претприемачкото учење со тоа што веќе неколку години кофинансира и организира: Обуки на средношколци и студенти за подготовка на бизнис план; Трибини на универзитетите за самовработување; Европскиот ден на претприемачот; Глобална недела на претприемништвото и  “Европска недела на мали и средни претпријатија.

 Претприемништвото  во светски рамки почнува да се смета за движечка сила на економскиот развој, структурните промени и создавањето на нови работни места. Колку побрзо младите сфатат дека идеите се најголемиот капитал за секој човек, толку подобро за целата држава, порача премиерот Никола Груевски.

Тој нагласи дека развојот на претпримачкиот дух во Македонија е процес што треба интензивно да се помага и поттикнува бидејќи тоа не било правено во минатото.

- Кај повеќето млади луѓе има огромен креативен потенцијал но воспитанието и менталитетот на пасивна индивидуа која не треба да влезе дури ни во најмал бизнис ризик и чија задача е да дојде до некоја диплома, а потоа да чека друг да ја вработи е нешто што е ограничувачки елемент не само кај луѓето, туку и за целото општество, рече Груевски.

Евроамбасадорот Аиво Орав порача дека станува  збор за многу важен настан кој неделава истовремено се случува во 37 европски земји.

Европската унија препозна дека малите и средни претпријатија придонесуваат значително кон развојот на европската економија и затоа ЕУ  големо внимание посветува на развојот на политиките кои создаваат еднаков терен за иден нивни развој, исткна Орав.

Извршниот директор на Еуролинк осигурување и претседател на Европската бизнис асоцијација, Александра Наќева Ружин истакна дека Европскиот ден на претприемачот во Македонија се одржува седма година по ред, а Европската недела на малите и средни претпријатија по четврти пат.

Во рамките на европскиот ден на претприемништвото и на микро, малите и средните фирми беа доделени и традиционалните награди за најдобро изработен средношколски бизнис план, а беа промовирани и “МК бизнис лидерите”. 


31.May.2012