Груби се сретна со сенаторот Кити: Италијанска поддршка за Евроатланска Македонија

Претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Артан Груби, заедно со членовите и замениците на Комисијата, имаше средба со делегација на Италијанскиот сенат, предводена од сенаторот г. Ванино Кити, а во придружба на амбасадорот на Република Италија во Република Македонија,г. Карло Ромео.

На средбата заедничка беше констатацијата дека Македонија и Италија имаат одлични пријателски односи во сите сфери, при што посебно беше истакната континуираната италијанска поддршка за наш прием во НАТО и ЕУ.

Во тој контекст, претседателот Груби истакна дека Италија ја поддржува интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ и НАТО и има активна улога во овој процес, особено по неодамна оддржниот Самит во Трст летово, кога се потврди европската перспектива на Западен Балкан и се одобрија пари за врските меѓу соседите на Македонија, како што е Коридор 8, како и за соработка во енергетиката во регионот.

Исто така, беа разменети мислења и ставови за актуелните политички состојби во Македонија, од аспект на реализацијата на потребните ЕУ реформи од владиниот План 3-6-9, со цел земјата напролет следната година да добие позитивен извештај од Европската комисија и датум за почеток на преговори за ЕУ членство.


15.Dec.2017